Кина планира мисии на Месечината и на Марс

Испраќањето астронаути на шестмесечна мисија во вселената е почеток на големиот кинески план, чија цел е Кина да стане водечка сила во вселената.
Минатата година Кина го лансира првиот модул од својата вселенска станица „Тиангонг“ во орбитата и планира да додаде нови модули, како што е научната лабораторија Мангтиан до крајот на годината. Следната година ќе лансира вселенски телескоп, кој ќе биде блиску до вселенската станица и ќе се поврзува со неа за сервисирање и полнење гориво.

„Тиангонг“ ќе има сопствено напојување, погон, одржување во живот и кабини за одмор. Кина е третата земја во историјата што испратила свои астронаути во вселената и на мисија за изградба на вселенска станица по Советскиот Сојуз (сега Русија) и САД.

Кинезите имаат високи амбиции кога станува збор за станицата „Тиангонг“ и се надеваат дека ќе ја заменат Меѓународната вселенска станица (ИСС), која ќе престане со работа во 2031 година. Кинеските астронаути се исклучени од програмата ИСС бидејќи американскиот закон ѝ забранува на американската вселенска агенција НАСА да споделува податоци со Кина.
Меѓутоа, амбициите не завршуваат тука. За неколку години, Кина сака да собере примероци од астероиди што се „блиску“ до Земјата, а до 2030 година има намера да ги испрати првите астронаути на Месечината. Планирано е и испраќање сонди на Марс и на Јупитер за собирање примероци.

НАСА планира да ги врати астронаутите на Месечината и веќе ја транспортира својата огромна ракета СЛС во вселенскиот центар „Кенеди“.
Јапонија, Јужна Кореја, Русија и Обединетите Арапски Емирати исто така работат на развивање на нивните мисии на Месечината. Индија ја лансира својата втора голема мисија на Месечината и сака да има своја вселенска станица до 2030 година.
Европската вселенска агенција (ЕСА) соработува со НАСА на мисии поврзани со Месечината и планира да лансира мрежа на лунарни сателити за да ја олесни комуникацијата на астронаутите од Месечината до Земјата.

Слични вести

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *