Научници создадоа кожа за роботи од човечки клетки која сама расте (ВИДЕО)

Јапонските научници успеаја да развијат кожа за механички тела од човечки клетки.

Иако изгледа малку лигаво, таквата кожа е водоотпорна, може да заздрави и има текстура слична на човековата.

Експертите успешно го обложиле тризглобниот, функционален прст на роботот со прототип на кожа што бил одгледуван во лабораторија.

„Прстот изгледа влажно затоа што доаѓа директно од медиумот за култура. Бидејќи се напојува со електричен мотор, интересно е да се слушнат механички звуци во прст кој изгледа исто како човечкиот“, рече Такеучи, а пренесува ScienceAlert.

Научниците и претходно се обидоа да стават вистинска кожа на роботи, но наидоа на проблеми, поради што јапонските експерти испробаа друг пристап – создавање кожа која самата се обликува на уредот.

Тие потоа го обложиле овој основен слој со епидермални клетки, главната компонента на нашиот надворешен слој на кожата. Без овој дополнителен слој, ткивото не би било водоотпорно.

Иако овој материјал може да го издржи истегнувањето и смалувањето на роботските прсти, сепак е многу послаб од човечката кожа. Научниците веруваат дека тоа може да се поправи со поголема концентрација на колаген во почетниот раствор и подолго созревање на клетките.

Интересно е што оваа вештачка кожа може да се „излечи“ со колагенски завој кој ги впива клетките и на тој начин ги поправа оштетувањата.

Иако резултатите од студијата објавени во списанието Matter се фасцинантни, ткивото од лабораторијата е сè уште многу ограничено. Не може долго да преживее надвор од хранливиот раствор бидејќи, исто како и човечката кожа, и треба постојано снабдување со вода за да не се исуши.

„Во идните истражувања, треба да поставиме канали внатре и под дермисот што имитираат крвни садови за снабдување на ткивото со вода и треба да ги интегрираме потните жлезди во еквивалентот на човечката кожа“, велат научниците и предложуваат додавање на сензори за кожата да може да има повеќе функции.

„Изненадени сме од тоа колку добро ткивото се прилагодило на површината на роботот. Но, ова истражување е само првиот чекор кон создавање роботи кои се целосно покриени со жива кожа“, рече Такеучи.

Слични вести

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *