НАСА ќе плати 1 долар на компанија за да им донесе камчиња од Месечината.

Американската вселенска агенција (НАСА) ќе плати 1 долар на компанија со седиште во Колорадо за собирање мали примероци од камењата од Месечината.

„Лунар Аутпост“ е една од четирите компании со кои НАСА склучи договори за продажба на ресурси кои доаѓаат надвор од Земјата. Компанијата од Колорадо на повикот понудила најниска можна цена од само еден долар, додека Агенцијата на сите четири компании ќе им плати вкупно 25.001 долар за примероци од Месечината кои ќе им ги донесат во следните неколку години.

Сепак, скромните финансии не се основниот двигател на програмата. Иако од мисиите ќе има научна придобивка, преку договорот всушност се воспоставува правен преседан кој ќе го овозможи понатамошното експлоатирање на вселенски тела. Оваа идеја е поддржана од американската влада со цел да изградат одржливо присуство на Месечината и подалеку.

„Мислиме дека е многу важно да се воспостави преседан со кој приватните компании ќе можат да ги собираат овие ресурси и НАСА да ги купува. Тоа ќе ги развие не само нашите активности, туку цела една динамичка ера на јавно-приватен развој и истражување на Месечината, а потоа и Марс“, изјавил администраторот на НАСА за меѓународни односи, Мајк Голд.

НАСА паралелно се обидува да врати астронаути на Месечината за прв пат од 1972 година, преку нивната програма „Артемис“. За разлика од претходникот „Аполо“, кога астронаутите ја посетија Месечината многу кратко, по што се вратија назад, новата програма сака да создаде постојано присуство на и околу нашиот природен сателит.

0 0 vote
Article Rating

Поврзани вести

Subscribe
Notify of
guest
0 Comments
Inline Feedbacks
View all comments