Shazam (2019) vs. Spiderman: Far from Home (2019)

Кога не излегува ништо ново, останува да се вратиш во минатото.

Никогаш не сум бил некој голем фан на Спајдермен, ама па отсекогаш ми била забавна франшиза за следење. Тоа е серијал што е толку многу пати оживуван за „следната“ генерација што веќе ме заморува да го гледам истото секој пат од почеток.

И покрај морето од публицитет што го доби лани „Далеку од дома“, еден друг филм со суперхерој ги „издрибла“ сите пречки и се наметна како еден од најдобрите вакви филмови за 2019 година. Шазам (Shazam).

Овие два филмови ги изгледав во еден викенд. Ми оставија многу различен впечаток. Шазам е приказна за еден тинејџер кој што поминува низ тешко и проблематично детство. Како што налагаат правилата во вакви филмови, главниот херој „случајно“ се втурнува во опасност и од обичен тинејџер станува суштество со натприродни моќи. Тој ги наследува моќите на еден волшебник и добива задача да го штити светот од злото. Волшебникот е пред умирање и мора да најде некоја „чиста“ душа која може да го носи овој товар. Очигледно, таа душа е во телото на еден проблематичен тинејџер.

Она што е интересно тука е што кога ги добива моќите, тинејџерот се претвора во возрасен маж со смешен суперхеројски костим. Во оваа форма тој се движи низ светот чувствувајќи дека може да направи се (филмот е сместен во DC универзумот, така да луѓето не се изненадени кога ќе видат суперхерој како се вози во метро). Но, како што тој е повикан да се бори за доброто, така еден друг човек е избран да го сее злото. Ова го поставува темелот за епска битка помеѓу Шазам и неговиот антагонист.

Шазам изобилува со добар хумор и одлични актерски перформанси. Иако главниот херој е возрасен маж, тој внатре е само еден обичен тинејџер и така мора и да се однесува. Закари Леви го доловува тоа одлично. Неговата хемија со Фреди, неговиот најдобар другар, е една од светлите точки на филмот (тој имаше и одлична улога во IT серијалот).

Каков е во споредба со Спајдермен?

Подобар во речиси секој поглед. Спајдермен: Далеку од дома е еден вообичаен, да не речам по малку досаден суперхеројски филм. Класичен летен блокбастер. Нема ништо премногу возбудливо, а хуморот е „over the top“ и на моменти детинест. Во споредба, хуморот во Шазам, иако детинест, делува повеќе осмислен и искрен, ако тоа прави смисла.

Сепак, Том Холанд е најдобриот Спајдермен досега. Далеку од дома има еден интересен твист што малку го вади филмот. Исто така, една од поглавните улоги е на Џејк Гиленхајл, а каде и да се појави тој го вади максимумот од улогата. Така е и овде. Еден од најдобрите глумци во моментов.

Значи, ако ти се гледа добар филм со суперхерои, а бараш нешто малку поразлично од стандардните блокбастери, провери го Шазам, го заслужува твоето внимание.

0 0 vote
Article Rating

Поврзани вести

Subscribe
Notify of
guest
0 Comments
Inline Feedbacks
View all comments