Европскиот закон за дигитални услуги (DSA) стапи на сила денеска и тоа е збир на прописи фокусирани на заштита на корисниците на интернет и спречување на ширење на штетни и нелегални содржини што ги прекршуваат условите за користење на платформата.
Законот првично ќе важи за најголемите платформи, со цел да се заштитат основните човекови права како приватноста и слободата на говорот, пренесува АП.
Досега се опфатени осум платформи на социјалните мрежи: Facebook, TikTok, X (Twitter), YouTube, Instagram, LinkedIn, Pinterest и Snapchat, како и пет онлајн продавници: Amazon, Booking.com, кинеската AliExpress и германската Zalando.
Листата на ЕУ се базира на податоците обезбедени од платформите. Оние со 45 милиони или повеќе корисници – или 10 проценти од популацијата на ЕУ – се соочуваат со највисоко ниво на регулација на DSA.
Упатените во Брисел, сепак, укажаа на некои забележителни пропусти, како што се eBay, Airbnb, Netflix, па дури и PornHub. Списокот не е исцрпен и можно е подоцна да бидат вклучени и други платформи.
Секоја компанија која обезбедува дигитални услуги на Европејците на крајот ќе мора да се придржува до Законот за дигитални услуги, но, за разлика од најголемите платформи, тие ќе имаат помалку обврски.
Платформите воведоа нови, поедноставни начини за пријавување нелегални онлајн содржини, кои компаниите ќе бидат обврзани да ги отстранат брзо и објективно.
TikTok им даде на корисниците дополнителна опција за означување видеа, како што се говор на омраза и вознемирување или измама, кои ќе бидат прегледани од дополнителен тим експерти, според кинескиот родител на апликацијата ByteDance.
DSA, исто така, забранува рекламирање да таргетира ранливи категории на луѓе, вклучително и деца, врз основа на нивните онлајн активности.
За прекршување на одредбите од овој закон, технолошките компании може да се соочат со казни до 6 отсто од приходите, кои би можеле да изнесуваат милијарди, па дури и забрана за водење бизнис во Европската унија.