Zoox од Amazon го претстави своето автономно, целосно електрично такси.

Ова возило е замислено да се користи за превоз на патници во градовите, со што ќе се подобри безбедноста, како и влијанието на околината

Zoox е компанија која започна со својата работа во 2014 година со цел да развие автономно, целосно електрично возило кое ќе се користи за превоз на патници, односно кратко кажано такси.

Amazon ја купува компанијата оваа година и истата сега конечно го прикажа својот финален производ кој сигурно ќе го видиме во градовите во САД, иако оваа компанијата не е единствената која развива производ за овој пазар кој ќе станува се повеќе привлечен.

Возилото кое беше презентирано во текот на вчерашниот ден може да се каже дека изгледа одлично, направено е во модерен стил, а исто така се истакнува дека има поставеност за седење како „кочија“, односно двете клупи на кои може да седат четири лица, се свртени една кон друга.

Ова е овозможено поради тоа што се работи за целосно автономно возило кое нема ни волан, односно не е замислено да може да биде контролирано од човек. За таа цел тоа е опремено со доста голем број на сензори како LIDAR, радари и камери, а тука е да помогне и вештачката интелигенција.

Сензорите овозможуваат 270 степени покриеност околу четирите страни, односно агли од возилото со што не се остава простор за точки кои не може да бидат видени.

Возилото од Zoox исто така е карактеристично по тоа што може да се движи во два правци, а со оглед на тоа што нема волан, возилото слободно може да се каже и дека нема предна или задна страна. Со можноста за вртење на сите четири тркала, возилото добива одлична можност за маневрирање во сите можни ситуации.

Од Zoox истакнуваат дека возилото е опремено со 100 иновации од областа на безбедноста кои не се дел од стандардните возила. Со тоа треба да стане јасно колкав дел од развојот е посветен само на безбедноста.

Батеријата на Zoox е една од поголемите кои се вградуваат во електричните возила и е со капацитет од 133 kWh, со што се добива можност за 16 часа непрекинато возење додека треба да се застане за полнење.

Брзината со која возилото може да се движи е околу 120 километри на час, со што се остава отворена можноста да вакви „роботакси“, како што ги нарекуваат, може да возат во иднина и по автопатиштата.

Во продолжение можете да го погледнете официјалното преставување на возилото од страна на Zoox.

Слични вести

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *